Стопанска банка А.Д. – Скопје е новиот инвеститор на административно-деловниот објект кој инвеститорот МГ Фешн го гради во рамки на комплексот „Гранд Скопје“. Се работи за вториот објект на овој комплекс, чиј камен-темелник беше поставен вчера, на 23 ноември 2022 г.
Од МГ Фешн велат оваа капитална инвестиција на Стопанска банка, која овој објект ќе го користи како свој деловен простор, всушност претставува потврда за квалитетот на градбата на административно-деловниот објект, но и препознавање на потенцијалите на целиот комплекс „Гранд Скопје“.
„Ни претставува навистина голема чест што потенцијалите и квалитетот на комплексот ‘Гранд Скопје’ се препознаени од банката со најдолга традиција на македонскиот пазар, Стопанска банка А.Д. – Скопје, која стана наш партнер и официјален иден корисник на овој административно-деловен објект. Прво основаната банка во државата ќе добие одлични услови, и тоа во најсовремен комплекс во срцето на градот, и искрено се надеваме дека ќе ја оправдаме нејзината доверба“, велат од МГ Фешн.
Од компанијата потенцираа и дека објектот нуди низа поволности за идниот корисник, почнувајќи од премиум локацијата и современа внатрешна организираност со концепт на агилен дизајн, па сè до примена на највисоките стандарди за квалитет.
„Комплексот ги исполнува највисоките архитектонски стандарди и нормативи за градење на енергетски ефикасни објекти кои овозможуваат заштеда на енергија и имаат минимално влијание врз животната средина. Се работи за објект со енергетски ефикасна фасада, употреба на висококвалитетни материјали согласно најнапредните стандарди во градежништвото, но и напредни системи за греење и ладење, висококвалитетни електрични инсталации и безбедносни системи. Дополнително, за овој објект ќе биде обезбеден и подземен паркинг за возила и велосипеди, но и лесен и непречен пристап за лица со попреченост“, истакнаа од МГ Фешн.
Инаку објектот, кој е проектиран од реномираното архитектонско биро „Синдикат студио“ од Скопје, е идеално поврзан со околината што овозможува низа поволности, особено за вработените на Стопанска банка. Близината на шопинг галеријата, како и софистицираниот урбан парк кои ќе бидат дел од целиот комплекс „Гранд Скопје“ за вработените нудат уникатен простор за одмор и релаксација, а пак пространата тераса на вториот кат која ќе изобилува со ниско и високо зеленило, претставува одлично место за социјализација и дополнително ја зголемува атрактивноста на објектот.