Кириите и цените на куќите во ЕУ го продолжија својот постојан пораст во првиот квартал од 2022 година, зголемувајќи се за 1,4 и 10,5 проценти, соодветно, во споредба со првиот квартал од 2021 година.

Оваа информација доаѓа од податоците за кириите и цените на куќите што ги објави Евростат. Притоа се посочува дека меѓу 2010 година и вториот квартал од 2011 година, цените на куќите и кириите во ЕУ имале слични патишта, но од вториот квартал на 2011 година, тие патишта значително се промениле. Додека кириите постојано се зголемуваа во текот на периодот до првиот квартал од 2022 година, цените на куќите значително флуктуираа.

– По остриот пад помеѓу вториот квартал од 2011 година и првиот квартал од 2013 година, цените на куќите останаа повеќе или помалку стабилни помеѓу 2013 и 2014 година. Потоа, имаше брз пораст на почетокот на 2015 година, од кога цените на куќите се зголемија со многу побрзо темпо отколку кириите – нагласува „Евростат“ во својата анализа.

Во периодот од 2010 година до првиот квартал од 2022 година, кириите се зголемени за 17 отсто, а цените на куќите за 45 проценти.

– Од 2010 година, цените на куќите се зголемија повеќе од двојно во Естонија, Унгарија, Луксембург, Чешка, Латвија, Литванија и Австрија. Кога се споредува првиот квартал од 2022 година со 2010 година, цените на куќите се зголемија повеќе од кириите во 19 земји-членки на ЕУ – се наведува во анализата на „Евростат“.

Податоците покажуваат оти цените на куќите се зголемиле во 24 земји-членки на ЕУ, а се намалиле во три, со најголем пораст во Естонија (+174%), Унгарија (+152%) и Луксембург (+131%). Намалувања имало во Грција (-23%), Италија (-10%) и Кипар (-8%).

Кога ќе се спореди првиот квартал од 2022 година со 2010 година за кирии, цените се зголемија во 25 земји-членки на ЕУ и се намалија во две, со најголем пораст во Естонија (+177%), Литванија (+127%) и Ирска (+77%). Намалување е забележано во Грција (-25%) и Кипар (-1%).

Состојбата во Македонија укажува на мало успорување, и на стагнација на цените на недвижнините, поради фактот дека истите го доживееа својот плафон. 

– Досега забележувавме голема побарувачка, а поради намалената понуда имаше и голем раст на цените на недвижностите, особено во Скопје, но и во другите градови, од кои повеќе се истакнува Охрид. Вообичаено овој период од годината имаме намалување на интересот, поради летните одмори, луѓето заминуваат на годишни одмори, но и сега има голем интерес. Сметам дека засега цените на недвижностите го достигнаа врвот, нема да имаме нови покачувања, но намалување исто така не очекувам – вели сопственикот на една од агенциите за недвижности во Скопје. 

Цените на становите во Скопје се разликуваат во зависност од местоположбата. Како што посочува нашиот соговорник, во централното градско подрачје цените се највисоки, околу 1.500 евра за метар квадратен, веднаш зад нив е дел од Карпош, па следи Аеродором со цена околу 1.300 евра… 

Бројките покажуваат оти просечната цена за метар квадратен станбен простор во Скопје во изминатите три години е зголемена за 20 отсто, а во периодов цените варираат во зависност од локацијата и општината од 1.000 до 1.800 евра за квадрат. Најниски цени имаат населбите кои се подалеку од централното градско подрачје како Ѓорче Петров, додека најголеми цените има во Центар и Карпош.

Извор: Фактор