Доколку вашиот дом се наоѓа во зграда, вашата тераса претставува ваша мала оаза која ве спојува со природата. Единствената можност да уживате во сонцето, да испиете кафе или да прочитате книга во вашиот мал приватен рај директно влијае на квалитетот на вашиот живот. Токму затоа многу е важно вашата тераса да биде уредена според ваш вкус и во неа да се чувствувате удобно и релаксирано.
Многу е важно при изборот на елементи кои ќе бидат дел од вашата тераса да внимавате да одговараат на вашиот карактер, но и да бидат направени од материјали креирани да бидат изложени на надворешни влијанија.
Какви опции за уредување нуди вашата тераса во голема мера зависи од тоа колкава големина има.
Во прилог ви претставуваме неколку корисни идеи за уредување на вашата тераса кои вашиот дом ќе го направат попријатно место за живеење.
Медитерански стил
Извор: Houzz.com
Медитеранскиот стил на уредување е инспириран од медитеранскиот допир, природните материјали, светлите бои и контрастот на ѕидовите и мебелот со кој ја уредувате терасата. Едноставно можеме да кажеме дека медитеранскиот стил подразбира сè што е природно, па во голема мера го вклучува дрвото како материјал за изработка на мебелот. Ѕидовите од гипс, исто така, даваат чувство на Медитеранот, а доколку во близина на вашата тераса има опкружување од вода може да се искористат и елементи инспирирани од морето, односно светлосина, во комбинација со бела. Овој стил вклучува и теписи со интересен дизајн, кој ќе даде топлина и пријатно чувство на вашата тераса.
Бохо стил
Бохо стилот на уредување на вашата тераса е еден од најпопуларните во моментов. Тој подразбира користење черги со геометриски фигури, плетен мебел од природни материјали, завеси и стаклени декоративни елементи. Доброто нешто за овој начин на уредување на вашата тераса е што е безвременски и дава пријатно чувство на поврзаност со природата. Овој стил се препорачува и ако имате мала тераса, со тоа што е потребно да размислувате „вертикално“, односно да поставите полици на ѕидовите за да добиете простор. Како опција можете да поставите вертикални саксии со цвеќиња што ќе го освежат просторот и ќе направат да изгледа поголем.
Скандинавски стил
Извор:digsdigs.com
Во скандинавскиот стил на уредување на вашата тераса треба да преовладува црно-белиот контраст, а често се користи комбинација и на сивата и белата боја. Природните материјали, исто така, се добредојдени кај овој стил на уредување, со што на вашата тераса ќе ѝ дадат чувство на свежина и светлина. Добар совет при избор на мебел во скандинавски стил е да користите парчиња што се склопуваат за да може лесно да се складираат кога не ги користите.
Кантри стил
Извор: Unsplash.com
Овој стил е еден од најраспространетите стилови за уредување тераса, бидејќи е екстремно удобен и топол и овозможува вистинско уживање. Сите оние рустични допири кои овој стил ги овозможува ја прават терасата многу посакувана зона, па затоа овој стил е избор на многу луѓе. Рустичниот стил и миксот на материјали кој е карактеристичен за овој стил на уредување на тераса отвора спектар на можности при креирањето на вашето омилено катче за релаксација и уживање.
Модерен минималистички стил
Еден од најекспонираните стилови во уредување на тераса во моментов е минималистичкиот модерен стил, кој се карактеризира со чисти линии, минимален декор и максимална искористеност на просторот и погледот. Oвој стил, кој совршено би одговарал на терасите во објектот „Гранд Ривер“, подразбира и употреба на бетон, метал и стакло кои му даваат нота на чистота и транспарентност на просторот. Најчесто употребувани бои при уредување на овој стил на тераса се белата, црната и сивата, а се препорачува и додавање перничиња во боја кои ќе му дадат карактер на просторот. Минималистичкиот стил е иделен за модерни, урбани семејства.
Дозволете си да инвестирате во уредувањето на вашата тераса, бидејќи токму таа може да биде ваше омилено катче за бегство од стресот што го носи секојдневниот динамичен начин на живот. Вашата тераса нека биде совршен простор каде секојдневно ќе уживате во животот и допирот на природата.
Извор: Architecture Design Ideas, Home Decor & Garden Design Ideas (thearchitecturedesigns.com)