Милано, глобалниот центар на модата, дизајнот, уметноста и комуникациите, лоциран во Северна Италија, доби уште една причина да биде една од најпосетуваните европски дестинации. Во главниот град на регионот Ломбардија никна станбено – деловниот комплекс “Porta Nuova“, со единствен иновативен дух во поглед на архитектура, дизајн и зелен урбан развој.

Во срцето на Милано, вториот најголем град во Италија, се одвиваше еден од најголемите проекти на реконструкција во Европа, при што е креиран станбено – деловниот комплекс “Porta Nuova“, пример на современ дизајн и биодиверзитет, и комплекс кој се бори со климатските промени.

Комплексот е составен од неколку впечатливи објекти со невообичаен дизајн, административен дел, вертикална градина и простран урбан парк кој е атракција за жителите и посетителите на Милано.

Едни од највпечатливите објекти кои се дел од комплексот се и двата станбени објекти, кои ја формираат вертикалната градина Bosco Verticale“, а се дизајнирани од архитектот Стефано Боери, реномиран италијански архитект, основач на “Stefano Boeri Architetti”. Во оваа градина има над 15 000 растенија од 90 различни видови, што е еднакво на 3 хектари хоризонтална шума која годишно апсорбира 30 тони јаглероден диоксид. За овој објект со единствен дизајн, архитектот Стефано Боери има добиено неколку престижни светски награди.

Во склоп на комплексот “Porta Nuova“ е изградена и најголемата висококатница во Италија наречена Уникредит Кула (UniCredit Tower). Оваа кула е висока 231 метар и целата е конструирана во стакло, со што се создава различен спектар на бои на отсјајот од сончевите зраци во зависност од тоа како паѓа светлината во текот на денот. До оваа кула има уште две стаклени висококатници кои се дело на ист дизајнер, кој како приоритет во нивната креација го имал принципот на одржливост и заштита на животната средина.

Значаен дел од оваа авангардна и иновативна приказна е и урбаниот парк со зеленило на површина од 90 000 квадратни метри, каде постојат 23 различни видови на дрва. Во склоп на овој парк се оддржуваат многубројни културни настани. Дел од паркот се и фитнес центри, простори креирани за игра на деца и паркови за миленичиња.

Неизбежен дел од комплексот е и шопинг галеријата во која се наоѓаат познати компании и луксузни брендови, кои се посебно атрактивни за посетителите на центарот на италијанската мода.

Многубројните туристи кои го посетуваат Милано за време на Миланската модна недела, која сама по себе е обележје на градот, имаат можност да уживаат во допирот на уметноста и креацијата кои ги нуди “Porta Nuova“. При прошетките, тие можат да уживаат во јавната уметничка инсталација „Јајце“ и сите останати магии на креативноста и иновативната енергија кои на комплексот му обезбедуваат магнетна привлечност и создаваат причина за повторна посета.

*Фотографиите се преземени од страната Living Milan, in Porta Nuova