Стилот на уредување на вашиот дом претставува огледало на вашиот карактер, стил на живот и визија. Домот е местото каде секојдневно со нашите сакани ги делиме најискрените емоции и се радуваме на животот. Токму затоа ова специјално катче за секое семејство заслужува да биде беспрекорно уредено. Пред да започнете со уредување на вашиот нов дом, од голема корист е да започнете да пребарувате стилови на уредување кои одговараат на вашиот карактер и кои ќе ви овозможат да ја креирате совршена приказна во духот на вашето семејство. Во предвид секако треба да ги земете и практичните потреби на вашите најблиски со кои го делите домот. За да добиете инспирација и да го пронајдете стилот на уредување кој е скроен за вас, потребно е да разгледате што повеќе различни комбинации на стилови, бои, елементи и дизајни. 

Традиционален

Извор: pxfuel.com

Инспирацијата за овој стил на уредување доаѓа од покласичните и постарите Европски дизајнерски стилови, што не значи дека традиционалниот стил на уредување е застарен. Просториите уредени во овој стил даваат чувство на топлина и комфор, поради дрвото кое се користи како основен материјал кога се дизајнира ентериерот. Сите составни елементи на овој стил се во неутрални тонови со темни, златни и сребрени додатоци. Резбата на дрвото на кујнските елементи и цветните шари на мебелот се само дел од уникатните ознаки за овој стил на уредување. 

Индустриски

Извор: unsplash.com

Индустрискиот стил на уредување е за оние кои сакаат во дизајнот на ентериерот да внесат комбинација на повеќе типови на материјали. Инспирацијата за овој стил потекнува од фабриките од минатото. Материјалите на коишто можете да наидете, при дизајн на ентериерот според овој стил, се изложени челични греди, тули и бетон, недовршени површини, оштетено дрво и сл. Дизајнерите најчесто додаваат и метални темни лустери како носечки елементи во просторот. Доколку се одлучите за овој стил и сакате да внесете мека нота во дизајнот може да искористите килими и уметнички дела за на ѕидовите во потопли бои, така што би добиле контраст со останатите елементи од ентериерот. 

Арт Деко

Извор: pxfuel.com

Доколку омилен филм ви е “The Great Gatsby“ ова е стилот кој треба да го изберете. За инспирација, замислете си дом полн со сјајни геометриски фигури, лакирано дрво, хромирани вградени елементи и декоративни огледала. Дел од мебелот кој се користи при уредување во овој стил може да има заоблен преден дел, додека пак другиот дел од мебелот може да биде со остри агли и рабови. Осветлувањето е типично слоевито и дозволува да искористите повеќе елементи од таков тип во ист простор од домот, без разлика дали се работи за таванско, подно или ѕидно осветлување. Палетата на бои во овој стил обично е неутрална, но може да додадете и смели бои во умерена количина. 

Модерен среден век

Извор: unsplash.com

Овој стил на уредување рефлектира популарни дизајни од 50-тите и 60-тите години.  Слично на Арт Деко, и овој стил се карактеризира со геометриски фигури, но на поедноставен и посуптилен начин, има почисти линии и помалку декоративни детали препознатливи за 20-тите и 30-тите години. Освен дрвото, други материјали кои се користат при дизајн во овој стил се иверица, пластика, не’рѓосувачки челик и алуминиум. Мебелот е со природни криви линии и минималистички, но функционален дизајн. Стиловите од среден век трпат и впечатливи бои како портокалова, жолта, зелена, сина и темно кафена. 

Минимализам

Извор: pixabay

Овој стил на уредување одговара на концептот на станбените единици во Гранд Ривер, пространи соби полни природна светлина. Иако принципот на минимализмот е ентериерот да има што помалку елементи, тоа не значи дека просторот треба да биде празен и „ладен“. Внимавајте при изборот на дизајн, за да го постигнете ефектот на минимализам во вашиот дом, тој треба да е уреден со прави и геометриски структури, едноставни материјали и текстури, додека пак палетата на бои треба да е составена претежно од црна и бела боја и една до две примарни бои, кои би доминирале во просторот. На овој начин ќе ги истакнете формата и бојата на секој елемент од дизајнот, така што ќе привлекуваат внимание на различни делови од ентериерот на вашиот нов дом.